Шведска во последните сто години немала толку неизвесни избори, како вчерашните парламентарни, пишуваат медиумите.

Околу 7,3 милиони Швеѓани, од вкупно 10 милиони жители, избра нов состав на парламентот во моменти кога во Шведска дуваат радикални десни ветрови од јужните делови на Европа. Најдолговечните шведски владари, социјалдемократите, сериозно се загрозени, покажуваат резултатите што ги објавуваат медиумите.

Шведската антимиграциска, антибриселска радикално десничарска партија Шведски демократи, освои значителен број места во парламентот. Тие, како што пишува Јутарњи лист, стануваат втора партија во Шведска, а со оглед на дијаметрално поинаквите погледи на шведскиот политички развој, тој факт и за оваа социјална држава, за пример, носи несигурна атмосфера.

Шведски демократи се залагаат за излегување од Евроспката унија и бараат затворање на границите за мигранти. Нивното политичко искачување се врзува токму на политиката на „отворени врати“ во Шведска. Оваа земја во последните неколку години прими повеќе од 160 илјади мигранти, што е најмногу во ЕУ, во споредба со бројот на жители.

Нивните ставови дека за тоа дека мигрантите ја менуваат суштината на шведското општество, и дека поради нив пораснаа криминалот и несигурноста на шведските улици, им донесоа резултат од гласачите.

Премиерот Стефан Ловен пробуваше да ги анимира неодлучните гласачи со заплашување дека на Шведска и се заканува „екстремизам и фашизам“, а Улф Кристерсон, лидер на конзервативната Умерена партија, веќе најави дека покрај тоа што сака да ги „победи социјалдемократите“, нема да коалицира со радикалните Шведски демократи.

Но, факт е дека за само десетина години десничарските радикали зајакнаа од занемарливи три проценти од гласовите до респектабило второ место во парламентот. Тоа покажува дека популистичката и антимигрантската политика, како и во други делови од Европа, има се повеќе приврзаници и во најразвиените членки на ЕУ.

Шведските демократи ќе го постават прашањето за Швегзит. Поддршка имаат од унгарскиот премиер Виктор Орбан, како и од лидерот на владејачката десница во Италија и актуелен министер, Матео Салвини.

 

Прелиминарни резултати за состав на шведскиот Парламент

Владејачкиот блок на левиот центар е во незначително водство над Алијансата на десниот центар, според прелиминарните резултати, кои ги објави синоќа изборната комисија за вчерашните парламентарни избори во Шведска, на кои пратенички места во парламентот освоија и антимигрантските Шведски демократи.

Резултатите, добиени на основа на пребројани гласови во 4.800 од вкупно 6.004 изборни окрузи, покажуваат дека владејачката коалиција на Социјалдемократската партија и Зелената партија, заедно со Левата партија, освоиле 40,6 отсто од гласовите, објави Ројтерс.

На опозицискиот блок Алијанса, составен од Партијата на умерените, Христијанско-демократската партија, Центристичката и Либералната партија им припадна 40,1 проценти од гласовите. Националистички настроените Шведски демократи се на добар пат да освојат 17,8 отсто од пратеничките места во парламентот, кој вкупно има 349 пратеници. Ова се прелиминарните резултати.

Тие се делумни и може незнато да се разликуваат од конечниот исход, напоменува Ројтерс.

Овие се први избори откако шведската влада во 2015 година дозволи 163.000 мигранти да влезат во Шведска, што е најголем број од сите земји во ЕУ, во споредба со бројот на вкупниот број на жители. Шведска има 10 милиони.