Антитела од коронавирусот се откриени кај 67 проценти од населението во Индија, покажуваат резултатите од ново истражување, што укажува колку вирусот се проширил низ целата земја за време на вториот бран на пандемијата.

Индиско истражување, во кое е испитано присуство на антитела кај луѓето, или преку прележан Ковид-19 или вакцинација, покажало дека 67,6 проценти од населението имаат антитела, во земјата со 1,3 милијарди жители.

Истражувањето, исто така, покажало дека во Индија бавно се спроведува вакцинацијата, односно кај луѓето кои имале антитела, 62,2 проценти од нив не биле имунизирани, а 24,8 отсто ја примиле само правата доза.

Овие резултати покажуваат зголемен број на луѓе кои имаат антитела во однос на декември и јануари, кога 24 проценти од населението имале ваков вид заштита од коронавирусот.

Најновото истражување е спроведено во последните недели од јуни и почетокот на јули, кога вториот бран се смири и учествувале 29.000 луѓе низ Индија.