Неколку илјади демонстранти се собраа денеска на нов антивладин протест пред албанскиот Парламент во Тирана, во организација на здружената опозиција, која бара оставка на премиерот Еди Рама и распишување предвремени парламентарни избори.
Протестот почна во 10 часот со палење свеќи и полагање цвеќе пред парламентарната зграда, со што демонстрантите на симболичен начин сакаа да покажат дека „Парламентот е мртов“.
Опозицијата ја обвинува Владата на Рама за кражба на гласови на изборите, за корупција и за поврзаност со организираниот криминал.
Поради протестите откажана е собраниската седница предвидена за денеска.
Зградата на Парламнетот е опкружена со бодликава жица, а околу објектот се распоредени и околу 1.500 припадници на полицијата, специјалните полициски сили и гардата.
За време на антивладините протести одржани минатиот четврток дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата, поради што, во пресрет на денешниот собир, апели за воздржаност упатија албанскиот претседател Илир Мета и Амбасадата на САД во Тирана.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан во заедничка изјава околу последните случувања во Албанија побараа дијалог меѓу Владата и опозицијата.
Истовремено, тие истакнаа дека протестот е демократско право, но осудваат секаков акт на насилство и секоја изјава на политичките лидери која поттикнува насилство.
– Имајќи предвид дека денеска во Албанја опозицијата одржува протест, ние го потврдуваме правото на граѓаните да се вклучат во мирни протести како суштинска карактеристика и суштинска вредност на демократијата, но ние силно ја осудуваме секоја реторика од страна на политичките лидери кои повикуваат на насилство, се наведува во заедничката изјава.
Тие, исто така, се осврнаа на одлуката на опозицијата нејзините пратеници да се откажат од мандатите, оценувајќи дека тоа сериозно го попречува функционирањето на демократијата во Албанија.
– Парламентот е место каде треба да се дискутира за реформите, а не да се бојкотира. Овие одлуки и акти се контрапродуктивни, одат против демократските избори на албанските граѓани и го поткопуваат напредокот што земјата го направи на патот кон Европската унија, оценуваат Могерини и Хан.
Европската унија, се посочува, очекува сите страни во албанскиот Парламент да ги бранат идеалите и принципите на демократијата, да продолжат да служат во Собранието и да ги преземат сите потребни мерки за да ги избегнат насилните акти и да поттикнуваат изјави за насилство.
– Очекуваме Владата и опозицијата да се ангажираат во конструктивни дискусии со цел да се надмине сегашната политичка ситуација во полза на Албанија и нејзините граѓани, се нагласува во заедничката изјава на Могерини и Хан.
Во меѓувреме под силно полициско обезбедување пред Парламентот во Тирана протестот минува без инциденти. Пред насобраните илјадници граѓани кусо обраќања имаат пратениците посочувајќи дека мандатите им припаѓаат на граѓаните и во нивно име се откажуваат од нив, за да ги „ослободат од криминалната Владата на Рама“.