Со предлогот на група пратеници во Собранието за дополнување на Законот за заштита на културното наследство, заради изградба на автопатите од Коридор 8 и Коридор 10д, се овозможува бескрупулозно легално уништување на културното наследство, реагира Македонското археолошко друштво.
Предлог-законот кој в понеделник во собранието ќе се носи по брза постапка предвидува изведувачот на градежните работи да има обврска да го пријави откритието до надзорниот инженер, наместо до надлежната јавна установа за заштита или до Министерството за внатрешни работи.
Археолозите велат дека е ова дрзок предлог на група пратеници со кој се прави целосно заобиколување на Министерството за култура, Управата и надлежните установи за заштита за културното наследство.
А со цел имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 пратениците бараат да се занемари заштитата на културното наследство која како темелна вредност е од исто толку голем јавен интерес за државата.
Археолошкото друштво најави и протест в понеделник, во 10 часот пред Собранието. Во исто време во собранието по итна постапка ќе се гласа за измени на девет закони како оној за земјоделско земјиште, за експропријација, за урбанистичко планирање, за минерални суровини, за работни односи како и за номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д.
За главен координатор за изградба на коридорот 8 владата го назначи Артан Груби.