Она што го говоревме неколку години наназад, откако СДСМ и Зоран Заев и кланот Заеви се на власт, сега овој период веќе се потврдува, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
– Мафија владее со Република Македонија. Вчерашните аудио материјали тоа го потврдуваат. Вчера бевме сведоци и ние и целата јавност како член на подземјето Горан Димовски од Битола викан Тушникот, човек најверојатно со сомнително минато, а не академско, кажува јасно и гласно дека добил зелено светло директно од Вице Заев, брат на Зоран Заев кој беше премиер на државата и претседател во моментов на СДСМ, да запали автомобил на некој кој не е член на СДСМ, само и само да го потисне и да му упати порака со закана и не само него, ами ќе ги потиснел и сите други кои што не биле за СДСМ. Ако и ова не е доволен доказ за Вилма Русковска односно Русковска обвинителството да се разбуди конечно, тогаш не знаеме што уште треба јавноста да чуе, за Зоран Заев, Вице Заев и другите членови на оваа политичко мафијашка структура да бидат повикани и нивните активности да бидат истражени од страна на Јавното обвинителство. Но, најверојатно Русковска наместо да се бори со криминалот, зафатена е со гледање на рекламите на ВМРО-ДПМНЕ во политичката кампања, рече Арсовски.
Полека, но сигурно, додаде тој, се разјаснува сликата.
– Бојан Јовановски вели дека сите рекетирани пари од рекетот во Република Македонија завршувале директно кај Зоран и Вице Заеви, контроверзниот про-руски бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ слушнавме дека тврди дека очекувал бизнис од Заев и дека платил 300 илјади евра и дал 2.000 метри квадратни земјиште, а сега слушаме дека рекетари добивале зелено светло од Вице Заев за своите криминални дејанија. Изминативе 3 години се запалени над 50-тина автомобили во државава, да потсетиме дека беше запалена семејната куќа на потпретседателот и носител на ВМРО-ДПМНЕ во моментот во ИЕ 2, Мисајловски, беше фрлена бомба во семејниот дуќан исто така на Мисајловски, беа демолирани автомобили на видни членови на партијата, што веќе е очигледно и јасно кој ги издал сите овие наредби. Дали е тоа Вице Заев, лично и персонално, братот на Зоран Заев? После 15-ти јули институциите ќе го докажат кој е нарачателот. Ова го нема ниту во мафијашките филмови, а верувајте дека ќе го снема после 15-ти јули во Република Македонија. Македонија е претворена во нечија лична своина во која се одлучува кој смее бизнис да работи, кој смее да се рекетира, чиј имот треба да биде уништен, запален или демолиран. Затоа Република Македонија на сите листи тоне во криминал, корупција, рекетот цвета, а граѓаните тонат во сериозна сиромаштија, рече Арсовски.