Нервозата кај Благој Бочварски е очигледна. Граѓаните дознаваат за неговите неетички, неморални и можеби сомнителни тендери кои ги добивале неговите семејни фирми од институции поврзани со општина Штип.
Ова го истакна на денешната прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски. Прес комференцијата ја пренесуваме во целост:
Додека се уште ја чекам тужбата од Бочварски, денес ќе извадиме уште неколку договори за јавни набавки помеѓу една од неговите семејни фирми и една од институциите од општина Штип.
Според документите кои ги имам тука пред мене, Благој Бочварски додека бил градоначалник, точно пред една година на 8-ми ноември 2019-тата година, една од неговите семејни фирми „Пелагонија Инжинеринг“ ДОО Штип, каде управител е Владимир Бочварски, имено неговиот чичко од потесното семејство, добива неколку договори за јавни набавки за услуги на градежни машини од ЈП Стипион 2011 Штип, претпријатие кое е основано од општината и претпријатие каде директорот го поставува општината. Овие неколку договори што ги држам пред мене имаат вредност од над еден милион денари, каде фамилија Бочварски односно каде нивниот помлад наследник е градоначалник во општината, на општински институции изнајмува услуги со градежни машини и тоа во вредност од над еден милион денари.
Не сум сигурен дека биле единствена таква фирма во Штип и регионот што нуделе такви услуги, па оттука потекнува и сомнежот дека Бочварски директно или индиректно влијаел на доделување на овие јавни набавки.
Доколку се уште е во дилема, Бочварски дали да тужи или не, еве нека одговори повторно неколку прашања.
Дали „Пелагонија Инжинеринг“ ДОО Штип е една од неговите семејни фирми односно каде сопственици се или неговиот татко или неговиот чичко?
Дали истата фирма лани на 8-ми ноември склучила договори со ЈП Стипион во вредност од над еден милион денари?
Почитувани,
Класичен пример на злоупотреба на народни пари за сопствени цели на фамилијата Бочварски.
И пак ќе кажам, доколку е се уште во дилема Бочварски дали да тужи, уште еднаш би сакал да ги повикам антикорупционерите, да им кажам дека живеат во Република Македонија, да им кажам дека му служат на македонскиот народ и македонската држава, и дека ова за кое што говорам овие сомнителни тендери се случуваат во Република Македонија, а не во некоја држава.
Да не се плашат од Зоран Заев и да отворат случаеви каде што има и најмал сомнеж за судир на интереси и злоупотреба, како што е случајов со Бочварски во Штип, затоа што во спротивно ако не преземат ништо, само се соучесници и еден ден ќе одговараат за истото.
Знаеме дека наведната глава сабја не ја сече како што тие мислат, но време е да се охрабрат и самите антикорупционери и да тргнат во поход против ова злодело што го прави со народните пари СДСМ.