ВМРО-ДПМНЕ работи на формирање на парламентарно мнозинство, изјави денеска партискиот портпарол Димче Арсовски, додавајќи дека „ниту ги потврдува, ниту ги демантира информациите од непотврдени и неидентификувани извори“ за тоа дека партијата ги приближила ставовите со ДУИ за формирање влада.

Порталот „Лајм“, повикувајќи се на партиски извори, синоќа објави дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се пред договор за формирање влада со премиер Албанец. Според истиот извор, лидерите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски се согласиле дека прв премиер ќе биде Лазар Еленовски, кој ќе се декларира и за Албанец и за Македонец. На овој начин ДУИ ќе има образложение дека го реализирала барањето за премиер Албанец, а и во членството на ВМРО-ДПМНЕ нема да има револт, затоа што за Еленовски ќе биде јасно дека „изјавата дека е Албанец е само за потребите на дневната политика“, наведува „Лајм“.

Во врска со ваквите информации Арсовски на денешната прес-конференција посочи дека и СДСМ вика оти има мнозинство, што, според него, не го потврдуваат другите политички партии.

– Би упатил јавно да ги прашате СДСМ да објават со кои партии имаат формирано парламентарно мнозинство, кои се коалиционите партнери на СДСМ, да изнесат детали, бидејќи зборовите кои што можевме вчера да ги видиме од нивна страна во медиумите, односно од нивни извори „СДСМ има мнозинство“ не се доволни за формирање на влада, туку треба 61 пратеник да се согласат на тоа, нагласи Арсовски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика социјалдемократите да одговорат со кого формирале парламентарното мнозинство и да соопштат детали околу договореното.