Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) смета дека се неприфатливи измени на Законот на игрите на среќа зашто ќе доведат до целосно затворање на индустријата, губење на илјадници работни места и огромни загуби за државниот буџет. АСОМ реагираше по објавата на Единствениот национален електронски регистер на прописи (ЕНЕР) за почеток на подготовка на закон за измена и дополнување на Законот за игрите на среќа и забавните игри.
Васко Илиевски, претседател на АСОМ, денеска изјави дека не се согласуваат со измените за одалечување на нивните деловни објекти од 500 метри од училишта и високообразовни институции затоа што тоа ќе значи затворање на 98 отсто од уплатно-исплатните места.
– Со ова, директно се загрозува егзистенцијата на речиси 8.000 семејства, односно 8000 вработени во индустријата на игрите на среќа кои преку ноќ ќе ја изгубат работата. Негативни последици ќе има и врз повеќе од 50 000 работни места во други стопански гранки, кои индиректно зависат од нашата работа, изјави Илијевски.
Според него, ваквото законско решение широко ќе го отвори патот на сивата економија и нелегалното обложување затоа што затворањето на спортските обложувалници нема да го запре обложувањето – играчите ќе бараат алтернативни начини и обложувањето ќе се префли на нелегални локации. На тој начин, според АСОМ, државата ќе нема контрола ниту врз средствата, ниту врз безбедноста на играчите и малолетниците.
АСОМ реагира и поради тоа што со ваквиот закон се одзема стекнатото деловно право на компаниите кои имаат важечки лиценци за постоечките објекти и предупредува дека ќе има сериозни домашни и меѓународни правни импликации доколку им се скрати ова право на компаниите.
Во однос на предлогот за зголемување на давачките, АСОМ потенцира дека приредувачите во земјава и сега плаќаат највисоки даноци во Европа, а наведената причина за нивно зголемување е целосно контрадикторна со оддалечувањето на објектите.
– Ако ние ставиме клуч на врата на нашите објекти, државата ризикува да ги изгуби сите средства со кои индустријата на игри на среќа и сега придонесува во државниот буџет, а тое се повеќе од 250 милиони евра по сите основи на работењето. Зошто се покачуваат даноци, ако практично планот е да се затворат објектите и кој би бил економскиот ефект од тоа. Сметаме дека предлог-законот е направен без никакви економски и пазарни анализи и дека ќе има многу сериозни импликации врз државната економија, која и онака е силно погодена и дестабилизирана од ковид-кризата, рече Илијевски.
Посочи дека предлагале покачување на приходите на државата од игрите на среќа преку ефикасни европски модели на оданочување, поголема безбедност за играчите, едукација, како и трикратно повисоки казни за приредувачите кои ќе ги прекршат законите, но дека нивните предлози не биле прифатени. За да ги аргументираат, Илијевски рече дека АСОМ бара итен прием на нивни претставници во Владата и во Министерството за финансии, како и стопирање на целиот процес за носење на измените на законот и вклучување на сите засегнати страни во подготовка на нов предлог закон.