Низа протести во Атина и во другите грчки градови се закажани за утре по повод 10-годишнината од убиството на тинејџерот Алексис Григоропулос, јави МИА од Атина.

Околу 5000 полицајци ќе бидат ангажирани за безбедноста во грчката престолнина, додека пак полицијата, протестите ќе ги следи и од воздух, со дронови и хеликоптери.

Како и секоја година, така и сега, почнувајќи од претпладневните, па се до вечерните часови закажани се низа демонстрации, организирани од ученици, студенти, но и од анархистите.

Првиот протест е закажан на 12 часот напладне од учениците и студентите, вториот е во 17 часот и 30 минути, додека пак во 21 часот ќе се одржи собир на местото на кое што беше убиено 15-годишното момче.

Демонстрации ќе има и во Солун, Патра, Лариса, Комотини, Јанина, како и на островите Лезбос и Крит.

Во минатото, речиси секоја година, протестите завршуваа со сериозни инциденти и судири меѓу маскирани лица и анархисти со полицијата, токму во населбата каде што беше убиен Григоропулос, што воедно е и населба што важи за собиралиште на анархисти.

На 6 декември 2008, Григоропулос, во атинската населба Ексархија беше застрелан од полицаец, кој е осуден на доживотна затворска казна.