Офанзивниот фудбалер на Реал Мадрид, Хамес Родригез сака да игра во Атлетико Мадрид, каде се подготвени на се за да ги задоволат неговите барања. Иако овој договор е тешко остварил, играчот и „јорганџиите“ задржуваат оптимизам дека ќе се дојде до сличен трансфер, пишува „Марка“.

Според изданието, сепак постојат сериозни пречки за можноста Колумбиецот да пристигне на „Ванда Метрополитано“. Главната е дека во Реал не горат од желба да го испратат играчот во својот голем градски ривал. Покрај тоа, Наполи е сериозен кандидат за потписот на играчот. Затоа Атлетико ќе го покаже потребното трпение и смиреност за да оствари уште еден грандиозен трансфер за својот нов проект, по оној на Жоао Феликс.

„Црвено-белите“ се свесни дека „кралскиот“ клуб нема да дозволи Хамес лесно да се најде во нивниот состав. Сепак, тие се потпираат на силен адут – желбата на играчот е да остане во шпанската престолнина и да го облече нивниот дрес.
Реал претпочиташе да не го продава Маркос Љоренте на Атлетико, но тој отиде таму во овој трансфер прозорец. Ова му дава надеж на тимот дека се уште е можно да земе друг играч на „белите“. Уште повеќе, поради развојот на составот на Диего Симеон во последниве години, играчите, на кои не се потпира во Реал, веќе не сметаат дека преминување во градскиот ривал би било чекор назад во нивната кариера.

Што се однесува до Наполи, Атлетико не е загрижен за нив. Италијанците се уште не можат да постигнат договор со Реал за цената на Хамес, а освен тоа зборовите на Аурелио Де Лаурентис пред неколку дена дека „нема да се согласи со неправедните претензии на Флорентино“ не му се допаднале на претседателот на Реал.

Во Атлетико се убедени дека Колумбиецот ќе ја одигра својата улога и ќе ги елиминира варијантите да замине на Апенините или каде и да е на друго место, откако избрал да стане нивен фудбалер.