Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Авдулах Хоти изјави дека владејачката коалиција го изгубила мнозинството во косовското Собрание и нема здрава логика опозициските партии да изигруваат „нормална опозиција“, бидејќи функционирањето на Собранието е доведено во прашање.
Како што јави МИА од Приштина, Хоти активностите за уривање на Владата на косовскиот премиер Рамуш Харадинај ги најави на трибина на ЛДК со невладини организации, организирана со цел, како што рече, да се расправа за предизвиците со кои се соочува Собранието во реализацијата на мандатот.
– Оваа легислатива има третирано предизвици кои предизикаа институционална нестабилност. Пратени се лоши пораки со начинот на кој е направена коалицијата: Владата разреши совети за кои е надлежно Собранието, именувани се по пет заменици министри во едно министерство, простувани се долгови, покренувани се иницијативи за затворање на специјализираните судски комори, протерани се шест турски државјани…, рече шефот на пратеничката група на опозициониот ЛДК, нагласувјаќи дека последните два месеци ситуацијата е видно влошена, а владејачката коалиција го изгубила парламентарното мнозинство.
Резултат на тоа е откажувањето на собраниските седници, нефункционирањето на комисиите поради немање кворум и слично, поради што, според Хоти, бесмислено е да се очекува од опозицијата да не реагира на сето тоа и да не ја урне актуелната Влада.
– Без мнозинство владата нема легитимитет да продолжи, рече Хоти, додавајќи дека неговата партија иницирала трибини на политичките партии со цел да се одреди датумот на изборите.
Партијата, која на почетокот на 90-тите години на минатиот век ја формираше првиот претседател на независно Косово, Ибрахим Ругова, од осамостојувањето, до последните избори одржани во јуни минатата година, речиси цело време беше дел од власта во Косово. По последните избори, со тесно мнозинство, Владата ја формира коалицијата ПАН, што ја сочинуваат Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај, Демократската партија на Косово (ПДК) на Кадри Весели и Иницијативата на Косово на Фатмир Лимај, со поддршка на пратениците од Српската листа.