Привремениот авганистански премиер, Мула Хасан Ахунду, денеска ги повика меѓународните влади официјално да ја признаат талибанската администрација, оценувајќи дека неговата земја ги исполнила сите услови.

-Ги повикав сите влади, особено од исламските земји, да почнат да нè признаваат, рече Ахунд во своето прво големо јавно појавување по преземањето на функцијата во септември.

Странските влади не сакаат да ја признаат администрацијата на талибанците, која ја презеде власта во август, а западните држави предводени од САД ги замрзнаа средствата на авганистанските банки во вредност од милијарди долари и ги прекинаа финансиските средства за развој што го формираа столбот на авганистанската економија.

Ахунд и другите претставници на талибанската администрација на прес-конференцијата, на која присуствуваат претставници на ОН, повикаа и на олеснување на ограничувањата за влез на пари и рекоа дека економската криза во земјата се должи на замрзнување на нивните сметки.

-Краткорочната помош не е решение: ние треба да најдеме начин да ги решиме проблемите темелно, рече привремениот премиер.

Меѓународната заедница ја зголеми хуманитарната помош за да одговори на итните потреби, главно заобиколувајќи ги официјалните канали. Меѓутоа, додека земјата се соочува со инсолвентност и влошена економија во текот на суровата зима, милиони луѓе паднаа во сиромаштија.