Авион на „Кроација ерлајнс“ со 66 патници, кој утрово полетал од Загреб кон Виена, принудно се вратил во Загреб, поради напукнување на ветробранското стакло во пилотската кабина, потврдуваат од авиокомпанијата.

– Според прописите за безбедносни процедури во вакви случаи, за кои се обучени пилотските екипажи, авионот „даш“ е пренасочен назад кон аеродромот во Загреб и без проблеми слета со 66-те патници- изјави Давор Јанушиќ, портпарол на „Кроација ерлајнс“.

Тој нагласи дека безбедноста на патниците и екипажот на овој лет во ниеден момент не била загрозена и дека пилотите стриктно ја примениле сигурносната процедура. Јанушиќ појасни дека ветробранското стакло од пилотската кабина е составено од повеќе слоеви и има дополнително зајакнување, односно е проектирано во вакви и слични ситуации да не биде загрозена безбедноста на летот.

По јавувањето дека авионот се враќа во Загреб, превентивно се активирани пожарникари што, според Јанушиќ, е вообичаена и точно пропишана процедура во цивилното воздухопловство.

Авионот „даш 8 – Q400“ привремено е приземјен, а замената на стаклото ќе се изврши во техничкиот центар на компанијата, што се наоѓа во Загреб.