Една недела по стапувањето во сила на Законот за задолжителна вакцинација, под голем притисок на гувернерите на провинциите, австрискиот канцелар Карл Нехамер првпат најави можност за отстапување од оваа мерка.

Тој за весникот „Кронен цајтунг“ изјави дека не ја исклучува можноста за укинување на Законот за задолжителна вакцинација.

– Доколку експертите на комисијата што треба да ја именува Владата, одлучат да ја стават вон сила задолжителната вакцинација, тоа ќе го прифатиме, рече Нехамер.

Тој додаде дека законот постојано се анализира, а тоа го бараат гувернерите на провинциите.

– Се додека експертите велат дека вакцината е клучна алатка, задолжителната вакцинација останува на сила. Меѓутоа, доколку и предложат на владата да го укине законот, тоа ќе биде направено, вели тој.

Сè уште не е формирана комисијата на експерти што ја споменува Нехамер. Тој подвлече дека задолжителната вакцинација е совршена алатка, како и дека Законот е добро подготвен и може флексибилно да реагира на секоја ситуација.

– Затоа решивме да формираме експертска комисија како советодавно тело, со цел постојано да се анализира усогласеноста со Уставот и дали мерката е сè уште неопходна, особено дали вакцинацијата е вистинската алатка во борбата против вирусот, рече Нехамер.