Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја навести можноста неговата земја да ја напушти Европската унија, што е првпат да споменува таков исход, пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик.

Говорејќи во годишното обраќање оваа година по повод почетокот на неговата кампања за унгарските парламентарни избори закажани за 3 април, Орбан рече дека ЕУ води „света војна, џихад“ под слоганот за владеење на правото.

Во исто време, Орбан на своите поддржувачи во Будимпешта на 12 февруари им порача дека ЕУ треба „да покаже толеранција кон Унгарија“. Во спротивно, рече Орбан, нема да биде можно да се продолжи по заеднички пат, пренесува РСЕ.

Орбан во минатото постојано ги напаѓал, како што ги нарекува, „бирократите во Брисел“, но се воздржувал од закани дека Унгарија ќе ја напушти Унијата.

Тој зборуваше само неколку дена пред Европскиот суд на правдата (ЕСП) со седиште во Луксембург да донесе одлука за нов механизам што ја поврзува распределбата на средствата на ЕУ со почитувањето на владеењето на правото во земјите-членки.

Унгарија и Полска поднесоа жалба против механизмот усвоен во декември 2020 година, кој ќе ги исклучи земјите што го прекршуваат владеењето на правото од заедничкиот буџет на ЕУ. ЕСП својата одлука треба да ја донесе на 16-ти февруари.

Телата на ЕУ и организациите за човекови права го обвинуваат Орбан, кој е на чело на Унгарија од 2010 година, дека ја напаѓа демократијата и владеењето на правото.