Азербејџанското Министерство за одбрана денеска ја обвини Ерменија дека распоредила контингент од своите вооружени сили во зоната на одговорност на руските мировници во регионот Нагорно -Карабах, спротивно на важечките договори.

„Во последните денови имаше случаи на распоредување на ерменски вооружени сили на територијата на Азербејџан, каде привремено се сместени мировните сили на Руската Федерација, со што се воспоставија нови воени позиции спротивно на трилатералниот договор од 9 ноември 2020 година“, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана на Азербејџан.

Официјална Москва на 30 јули ги повика Азербејџан и Ерменија да се воздржат од акции што можат дополнително да ја влошат ситуацијата на границата, еден ден откако азербејџанското Министерство за одбрана објави дека ерменските вооружени сили продолжуваат да провоцираат во регионот Калбајар, на ерменско-азербејџанската граница.

Ситуацијата во Нагорно Карабах ескалираше на 27 септември 2020 година, а лидерите на Ерменија, Азербејџан и Русија на 9 ноември 2020 година потпишаа трилатерален договор, што овозможи прекин на непријателствата во регионот.