Американскиот претседател Џозеф Бајден го одбележа својот прв Божик на функцијата разговарајќи, преку видео врска, со припадниците на американската армија стационирани ширум светот, заблагодарувајќи им се за нивната храброст со пораката дека тие се „цврстиот, челичен рбет на нацијата“.
Во присуство на неговата сопруга Џил, претседателот и врховниот командант на САД денеска преку видео врска разговараа со припадниците на армијата, морнарицата, воздухопловните сили, маринскиот корпус, вселенските сили и крајбрежната стража, стационирани во базите во Катар, Романија, Бахреин и САД.
„Како ваш врховен командант, сакав да ја искористам оваа прилика да ви кажам благодарам, благодарам, благодарам. Ние сме благодарни за вашата храброст, вашата жртва, не само вашата, туку и жртвата на вашето семејство“, им рече тој на војниците. .
Говорејќи од студио поставено во Белата куќа, Бајден им рече дека тие се „цврстиот челичен рбет на нацијата“ и истакна дека државата има „навистина света обврска“ да се грижи за војниците и нивните семејства.