Мигрантите постојано се обидуваат да ја преминат грчката граница кон С. Македонија во реонот на Идомени. Тие во ноќните часови во групи се обидуваат да се качат на возовите како слепи патници или да ја пробијат оградата долж границата, објави поратлот „Инфомигрантс“.

– Тие скокаат на возовите и покрај ризикот да ги удри струја при допир на високонапонските кабли, вели за порталот машивозач, кој неодамна открил група мигранти во неговиот воз.

Сепак, од оние што ќе успеат да ја минат границата, најчесто се пресретнувани од полициските патроли во земјава, кои потоа ги враќаат назад во Грција.

– Таков е случајот со пакистанскиот мигрант Муса, кој успеал да премине во С. Македонија преку дупка во граничната ограда. Но, бил фатен. Тој вели дека прво бил „претепан од полицијата во С. Македонија, а потоа и од Грците“ кога бил вратен преку границата, наведува „Инфомигрантс“.

Порталот го наведува и примерот на 20-годишниот Сириец, Абдула кој повеќе дена се криел во трошна зграда во близина на железничката станица во Идомени, чекајќи го „вистинскиот момент“ за да ја премине границата и преку т.н. балканска рута да замине за Западна Европа.

– Ќе направам се, за да ја преминам границата, вели Абдула.

Според порталот, тој не е единствен случај, бидејќи цели семејства на мигранти престојуваат долж пругата или во напуштените вагони во близина на железничката станица во Идомени, а штом ќе се појават патроли на грчката полиција, тие се распрснуваат низ околните полиња.

– Малото грчко село Идомени лежи на границата меѓу Грција и С. Македонија. Во 2015 година стотици илјади мигранти и бегалци преминаа низ ова подрачје движејќи се пеш кон Европа. За да биде спречен големиот прилив на мигранти во Европа, ЕУ и Турција во март 2016 година склучија договор, со кој земјите од Унијата ги затворија своите граници за бегалците, а Грција изгради ограда долж нејзината северна граница, додава поратлот.

„Инфомигрантс“ потсетува дека во 2015 година Идомени беше главен точка за прилив на бегалците кои од Грција сакаа да заминат кон Западна Европа.

– Во тоа време таму имаше импровизиран камп со повеќе од 13.000 луѓе, се додека кампот не беше евакуиран од властите во мај 2016 година. Мигрантите и бегалците беа присилно преместени во алтернативни сместувалишта ширум Грција, а шаторите беа отстранети со булдожери, наведува порталот.

Но, според „Инфомигрантс“, сега Идомени одново станува главен канал за мигрантите и бегалците.

Локалниот жител Лазарос Олис вели дека во Идомени секојдневно пристигнуваат по околу 200 луѓе.

– Некои поставија и шатори на полињата. Се плашиме дека Идомени повторно ќе прерасне во камп, изјави Олис.

Италија: Балканската рута активна и за време на пандемијата

Балканската рута по која мигрантите се обидуваат да стигнат до земјите во западна Европа е активна и за време на пандемијата на новиот коронавирус, а гувернерот на италијанскиот регион Фурланија-Јулиска краина, кој граничи со Словенија, изјави дека ситуацијата е „неподнослива“.

– Фурланија-Јулиска краина не е подготвена за прием на нови илегални мигранти. Повеќе пати ја информирав Владата дека пристигнувањата во овој регион станаа неподносливи, а имаме проблеми и со наоѓање места за карантин, истакна гувернерот Масимилиано Федрига.

За 480 мигранти е одреден 14-дневен карантин во касарна во градот Удине, која се смета за црвена зона во тоа место и ќе биде под полициски надзор 24 часа дневно.

Италијанскиот сенатор Франко Дал Мас изјави дека италијанската Влада ги затворила границите за Србија и Црна Гора поради епидемиолошките податоци, но затоа „дозволува секојдневен непречен влез на територијата на земјата за десетици мигранти кои се потенцијални преносители на коронавирусот“.

Тој додаде дека регионот Фурланија-Јулиска краина се соочува со „спорен, но постојан и секојдневен мигрантски бран, кој е опасен во оваа критична здравствена фаза“.

Според податоците на хуманитарната организација Каритас, пред околу една недела во Трст пристигнале рекордни 170 мигранти за еден ден, меѓутоа гувернерот Федрига потврди дека финансиските средства ќе бидат намалени, пишува италијанскиот весник „Ла Стампа“.