Финска ќе воведе задолжителни тестови за коронавирус и карантин за патниците од земјите со висок ризик, изјави денеска финската министерка Криста Киуру, откако 24 од 157 патници кои со авион пристигнале од Скопје во оваа скандинавска земја, биле позитивни на Ковид-19.
Како што пренесе Ројтерс, тестирањето било организирано на аеродромот Турку во Финска во саботата за сите патници кои пристигнале на летот од Скопје, откако властите откриле дека два главни извора на последните инфекции со коронавирус во Финска биле летови од Македонија и од Романија, им изјави на новинарите Киуру, министер за семејни работи и за социјални услуги.
– Епидемијата е на Балканот, рече Киуру говорејќи за неодамнешното мало покачување на бројот на инфицирани во Финска.
Задолжителен двонеделен карантин и можен случаен тест за коронавирус по пристигнувањето во Финска ќе се применуваат за секој што ќе пристигне од земја со повеќе од 8 до 10 нови случаи на Ковид-19 на 100.000 жители во последниот 14-дневен период, соопштија финските власти.
Во моментов, правилото важи за повеќето земји, со исклучок на 25 земји како што се Италија, Јапонија, Грција и Норвешка каде инфекциите остануваат ниски.
Минатата недела, бројот на инфицирани во Финска беше 2 до 3 на 100,000 жители во текот на 7 дена, со вкупно 7.601 случаи и 333 смртни случаи.