Пишува: Блаже Миневски

Може ли писателот да го убие пишувањето? Во случајот со Балзак изгледа дека може. Имено, истрошен од своите книги, кои ги пишувал во еден здив, само со кратко, двочасовно преспивање на софата, Балзак умрел на 51-годишна возраст. Претходно, за дваесеттина години, колку што активно се бавел со пишување, напишал деведесет книги, а меѓу нив и три тома писма до својата љубов Евелина Ханска. Љубовната приказна меѓу него и украинската грофица со полско потекло Евелина Ханска траела полни осумнаесет години, колку што траела и нивната меѓусебна преписка. Двајцата се венчале непосредно пред смртта на писателот во 1850 година:

„Стрпете се, ве сакам колку и вие мене. Не менувајте се, зашто и јас не се менувам“, му напишала грофицата Евелина на упорниот Оноре, кој секојдневно ја затрупувал со љубовни писма. Таа чудна љубовна врска, која повеќе била „љубов преку писма“, траела полни 18 години, до веридбата, односно до смртта на писателот.

Луѓето по парфемот знаеле дека поминал по улицата!

Големиот француски писател Оноре де Балзак е роден 1799 година во Тур. Детството го поминал во Вандом, во целосна самотија, сосема повлечен и без блиска врска со семејството. По завршувањето на студиите по право, наспроти волјата на родителите, младиот Оноре го прифаќа писателскиот занает како единствено и трајно занимање.

По кавгата со родителите Балзак останал да живее во центарот на Париз, додека семејството се преселило во едно од париските предградија оддалечено 32 километри од центарот на градот. Како личност со големи амбиции, мегаломански планови и соништа за богатство, Балзак практично целиот живот ѕидал кули од соништа. Во тој контекст овде може да се спомне неговиот ангажман во основање на весници, потоа купување печатници, градење луксузни куќи во кои никогаш не успевал да се всели, а сонувал и за експлоатација на рудници за сребро, за плантажи со овошје и дабови шуми. Ваквите негови соништа и планови, најчесто завршувале со финансиски катастрофи, а притоа долговите постојано го притискале и доверителите го прогонувале до смртта. Сепак, наспроти сето тоа, Балзак постојано пишувал, всушност грозничаво работел на своите романи. Неговите хроничари велат дека желбата за успех и за богатење, како и борбата со долговите, буквално го присилувале на истоштувачка работна дисциплина.

Евелина Ханска

Таквата постојана работа врз нови и нови проекти, резултирала со 90 книги, напишани само за дваесеттина години. Тие се, всушност, неговата монументална градба, што така трескавично ја градел цел живот. Заедничкиот наслов на тој проект е „Човечка комедија“ со околу 2.000 одлично насликани ликови — мажи и жени, млади и стари, јунаци и плашливци, чесни и расипани, сите опишани во согласност со реалноста. Токму затоа Балзак е еден најголемите творци на живи ликови во историјата на книжевноста, кој исфрлајќи ги безначајните подробности го нагласил карактерното во нив со што се типизирани сите човечки особини.

Балзак го вложил сиот свој живот во овој свој „проект“ и тоа е „градбата“ што ги надживеела сите негови соништа, но и разните доверители кои постојано му дишеле зад вратот. За жал, таа трка со времето и со огромните притисоци на мегаломанијата, се одразила на неговиот живот. Истрошен од своите книги, кои ги пишувал во еден здив, само со кратко, двочасовно преспивање на софата, Балзак умрел на 51-годишна возраст. Но, со оглед на тоа што бил неумерен во се, оставил свој печат дури и во воздухот што останал зад него.

Многумина уште долго го чувствувале неговиот парфем по улиците. Притоа, токму како и во животот, Балзак бил чуден и во љубовта. Ја сакал Евелина Ханска, украинска грофица со полско потекло, со која се допишувал полни 18 години, за да се ожени непосредно пред смртта, односно пет месеци пред смртта.

Собата во која Балзак работел од 1840 до 1847, единствена од 11 куќи во кои претсојувал а која „преживеала“

Како и да е, меѓу  писмата од 1834 година, значи две години по нивното запознавање, е и писмото на Балзак до Евелина во кое тој се обидува да и предложи брак:

„Љубов моја, твоето милување му го врати животот. Ти имаш божествена душа за која човек останува врзан целиот живот. Душо моја, ти со твојата љубов го откри прекрасниот јазик на срцето, што веднаш ја протера тагата. Моја сакана, мој небесен цвете, не ја гледаш ли магијата што сиромавиот поет е сакан над сите свои надежи. Ужасната љубомора ме навикна да мислам со отворено срце, да кажам се, никогаш да не можам да сокријам ниту една мисла. Да, моето срце си ти; тебе ти е дозволено се. Да ја допрам твојата рака, мазна и мека од љубов е исто таква среќа колку и твоето медено и топло милување. Бакнежот на твоите драги усни, тие невини усни кои уште немаат спомени, е мојата амајлија”, пишува Балзак пред повеќе од сто и деведесет години.

Што му одговорила на ова писмо таа, грофицата Ханска, не се знае, но, сепак, од следното писмо на Балзак може да се насети дека веројатно станувало збор за тоа колку вљубениот може да биде сигурен во љубовта на другиот. Во тој контекст авторот на „Евгенија Гранде“ во своето писмо, меѓудругото, ќе напише:

„Моја Ево, никогаш не се сомневај во мене, а уште помалку во себеси. Ти имаш 28, а јас 35 години. Ти имаш небесна душа, каква само може да се замисли, но имаш и заносна убавина. Боже, како да ти кажам дека сум опиен од твојата воздишка… Драг небесен цвете, драг мирисен балсаму, мое убаво стебло, не виткај се, држи ме засекогаш. Би сакал да бидам исто толку сигурен во тебе, колку што сум сигурен во себе“.

Патем, се разбира, понекогаш, својата сакана грофица, Балзак ја известувал и за своите „бизнис-зделки“, меѓутоа никогаш не побарал никаква финансиска помош од неа. Во едно свое писмо од 1834 година, тој ќе напише:

„Што се однесува до моите финансиски непријатности, не грижи се! Тоа е мое секојдневие, кое поради твојата љубов со леснотија го поднесувам. Всушност се будам среќен што сум сакан, а тоа е убавината на животот, ангеле! Би сакал барем за миг да бидеш јас, за да знаеш колку си сакана. Илјада бакнежи и илјада нежности за тебе“.

Книжевниот Наполен не знаел за одмор!

Во меѓувреме поминуваат цели осум години. Балзак пишува и испраќа до својата љубов уште два тома писма, но колку напишала таа никој не знае. Не се знае дали за таа нивна преписка знаел нејзиниот сопруг или не. Без разлика на се, Оноре продолжил да пишува.

Во јануари 1842 година, точно десет години по започнувањето на преписката, Балзак на својата љубовница ќе и го напише и ова:

„Сега баш го примив, драги ангеле, вашето писмо запечатено со црн восок. Премногу ве познавам, или верувам дека ве познавам, за да можам макар и за миг да се посомневам во Вас, но често, признавам, често патев, и тоа тешко, затоа што Вие се сомневавте во мене. Сакам да Ви кажам дека ја дуплирав работата како би можел оваа година да дојдам да Ве видам, и мислам дека успеав. Впрочем со месеци не спијам повеќе од два часа, и успеав да ги завршам, освен книгата и статиите, и две пиеси  во пет чина. Пробите за едната од нив почнуваат утре во Одеон. Патем се надевам дека, ако работам вака, за осумнаесет месеци ќе ги исплатам сите мои убиствени долгови. Оваа постојана работа, особено во последниве пет години, потполно ме одвои од светот… О, мој сакан ангелу, бидете претпазливи и чувајте се. Чувајте го своето драгоцено здравје. Јас веќе им дадов на издавачите доволно материјал и до септември не сум им потребен. Се надевам дека сум Ви потребен Вам, драг мој ангеле!“

Во секој случај, неколку години подоцна, Оноре и Евелина веќе разменуваат  писма во кои ја планираат својата заедничка иднина. Балзак ќе напише:

„Ми пишувате дека целиот ваш живот ќе биде мој; дека ќе бидеме среќни, дека нашата среќа не може да ја замати никаков облак… Ве проколнувам, штом го примите ова мое писмо, напишете ми само неколку збора за да знам дека можам да ви пишувам со отворено срце. Напишете ми и за вашето здравје, зашто јас мора да знам се за вас. Вие, драга, сте мој ангел, но и јас се грижам за Вашето здравје. Чувајте се, тоа ми го должите. А, сега, збогум мој драг и убав животе, кој толку многу го сакам и тоа сега можам да го кажам!“

Станува збор за писмо  напишано непосредно пред да се ожени со Евелина Ханска, но, за жал, и непосредно пред неговата смрт во 1850 година. Тој имал само 51 година, а таа неполни 44 години. Полни 18 години, таа речиси во сите свои писма му пишувала:

„Стрпете се, ве сакам колку вие мене. Не менувајте се, зашто и јас не се менувам“.

И Балзак бил трпелив, чекал. За жал, не чекала смртта.

Борејќи се со времето, долговите и неостварените планови, писателот трескавично ги пишувал своите дела. Всушност книжевниот Наполен не знаел за одмор, ниту пак се задоволувал со веќе постигнатите резултати. Секое свое дело го сфаќал само како вовед во она што допрва треба да го создаде. Како ретко кој друг писател, со ламба, во длабока тишина, со ноќи работел и само работел, за да ги напише оние илјадници страници од својата „Човечка комедија“.

Во она малку „слободно“ време купува имоти, куќи во кои никогаш не влегува, оди на Сардинија за да купи рудници за сребро, вложува во печатница, покренува весници, посетува монденски салони, а во исто време искрено ја сака грофицата Евелина Ханска! Притоа, во својот книжевен свет и во своите ликови, го внесува целото свое битие, целиот свој „животен жар“, како што вели Бодлер. Во таа смисла Балзаковата „Човечка комедија“ е уверлива, жива и веродостојна како самата стварност од која е израсната. Бодлер, на пример, прв воочил дека Балзаковата постапка не е посматрачка туку визионерска:

„Балзак е визионер, – вели Бодлер, – и тоа страстен визионер кој ги преобразува реалните животни ситуации во фантастична игра“.

На статуата од Роден, Балзак изгледа како во својата  наметка да го носи целиот свет а истовремено со својот поглед како да продира во сите тајни на човечкиот род. Грофицата Ханска подоцна, во една прилика, меѓудругото, ќе каже дека единствена тајна до која Оноре не успеал да допре е тој самиот. И тоа е дел од  „Човечката комедија“ – да го разбереш светот а да не се разбереш себеси!