Руските одмазднички напади врз енергетската инфраструктура на Украина поради терористичкиот напад врз Кримскиот мост дополнително ќе ја компликува и онака тешката економска ситуација со којашто се соочува земјата, во која сиромаштијата годинава веќе десеткратно се зголемила, изјави во саботата функционерот на Светската банка, Аруп Банерџи.

Банерџи, регионален директор на Светската банка за источна Европа, изјави во исклучително ретките изјави на меѓународните финансиски институции во таков вид, дека брзото обновување на снабдувањето се електрична енергија во Украина по руските масивни напади претходно седмицава ја одразува ефикасноста на воениот систем, но дека промената на руската тактика ги зголемила ризиците.

„Доколку тоа продолжи, перспективата ќе биде многу многу потешка. Кога зимата навистина ќе почне да гризе… сигурно до декември или јануари, а доколку домовите не бидат поправени, може да дојде до уште еден внатрешен бран на миграции, раселување на луѓето“, вели Банерџи во интервјуто за Reuters.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски претходно седмицава пред меѓународните донатори рече дека на Киев му се потребни околу 55 милијарди долари, од кои 38 милијарди за да го покрие очекуваниот буџетски дефицит за следната година, и дополнителни 17 милијарди за да започне обновувањето на клучната инфраструктура, во прв ред енергетските и станбените објекти, како и училиштата.

Украинските владини функционери истакнуваат дека на Украина ѝ е потребна постојана и предвидлива финансиска помош, за владата да продолжи да функционира, додека започнат клучните санации и обновувањето.

Ветувачки бил одговорот на апелот на Зеленски упатен во текот на редовните годишни состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Свеската банка, но и многуте други состаноци одржани минатите седмици, оценува Банерџи.

„Повеќето земји дадоа на знаење дека ќе ја поддржуваат Украина финансиски во текот на следната година, така што тоа е многу позитивен исход“, вели функционерот на Светската банка.

Според процените 25 отсто од украинската популација би живееле во сиромаштија до крајот на годината, додека пред војната ги имало повеќе од 2 отсто, во една од најсиромашните европски земји со раширена ендемска корупција. Меѓутоа, Банерџи предупредува дека таа бројка може да се зголеми дури и до 55 отсто до крајот на следната година.

Консензуалниот избор на украинскиот министер за финансии Сергеј Марченко како следен ротирачки претседател на управните одбори на двете меѓународни финансиски институции во 2023 година, исто така, е доказ за „силната и истрајна поддршка“ на Украина, вели Банерџи.

Директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, изјави претходно седмицава дека меѓународните партнери на Украина веќе дале 35 милијарди долари во неповратни средства и заеми за финансирање на земјата во 2022 година, но дека финансиските потреби на земјата ќе останат „многу големи“ и во 2023 година.

Челниците на ММФ ќе се сретнат со украинските функционери во Виена следната седмица, кога ќе дискутираат за украинските буџетски планови и новиот инструмент на ММФ за надзор, кој би требало да создаде услови за целосна програма на Фондот кога тоа ќе го дозволат условите, рече Георгиева.