Бангладеш распореди војници во северните и североисточните делови на земјата за да им помогне на луѓето отсечени од светот поради обилните монсунски дождови и да ги евакуираат најранливите.

Армијата на Бангладеш објави дека нејзини припадници биле распоредени откако поплавите ги опустошиле североисточните региони Сунамгањ и Силет. Стотици илјади луѓе останаа без струја, а илјадници домови се поплавени.

Најмалку девет лица загинаа вчера по удар на гром, објави новинската агенција „Јунајтед њуз“.

Метеоролозите предупредија на нови можни поплави во земјата, која има 130 реки, бидејќи нивото на водата продолжува да расте. Во следните 24 часа се очекува влошување на состојбата во веќе погодените региони.

Бангладеш, земја со 160 милиони жители, често е погодена од природни катастрофи како што се поплави и циклони.