Американскиот секретар за правда, Вилијам Бар пред конгресниот Комитет за правда ја бранеше интервенцијата на федералните агенти во немирите во Портланд, кои, според него,  веќе немаат никаква врска со смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, пренесува Хина.

Бар ги отфрли обвинувањата на Џери Надлер, претседател на Комитетот за правда, што е под контрола на демократите, дека со програмата наречена „Операција легенда“ има за цел да му помогне на претседателот Доналд Трамп повторно да победи на изборите.

Програмата вклучува испраќање припадници на сојузните сили да и помогнат на локалната полиција во борбата против наглото зголемување на насилните злосторства.

-Под ваше водство, улиците на американските градови се преплавени со федерални агенти, за да се обезбедат добри снимки во кампањата на претседателот Трамп, рече Надлер, додавајќи „срам да ви е, главен државен обвинителе“.

На оваа отворена прозивка министерот Бар мирно возврати дека е бранител на „правната држава“.

Трамп се надева дека на 3 ноември ќе освои нов мандат, а еден од неговите главни предизборни слогани е „закон и ред“.

-Насилните демонстранти и анархисти легитимните демонстрации ги искористија за извршување грабежи и уништувања, рече Бар, опишувајќи ги апокалиптичните снимки во Портланд.

Демократските пратеници ги обвинија федералните агенти за напад врз „мирните демонстранти“ и за долевање масло на огнот место да ја смируваат ситуацијата, додека републиканците реагираат дека станува збор за криминалци.

Претседателот Трамп ги критикува демократите, кои се на власт во градовите и федералните држави каде расте криминалот, и се надева дека неговата програма за „закон и ред“ ќе ја зголеми неговата популарност на четири месеци пред изборите.

На сослушувањето, Бар ја бранеше полицијата и ги отфрли тврдењата дека американската полиција е „системски расистичка“.