Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) Џани Инфантино изјави оти е многу загрижен поради „трагичните настани“ по рускиот воен напад во Украина.

-Тоа што го видов ме шокираше. Многу сум загрижен поради оваа состојба. ФИФА го осудува користењето сила, порача синоќа Инфантино на конференција за новинари.

Русија на 24 март треба да биде домаќин на мундијалскиот бараж против Полска, а потоа, евентуално на 29 идниот месец да го пречека подобриот од баражот меѓу Чешка и Шведска. Трите потенцијални ривали на Русите ја повикаа ФИФА да ги повлече баражите од руска територија.

На случувањата во Украина реагираше и Меѓународното здружение на спортски новинари (AIPS), кое ја осуди руската инвазија.

– Соочени со оваа хуманитарна трагедија која ја погоди Украина, AIPS ја осудува одлуката на (рускиот претседател) Владимир Путин да изведе, како што самиот рече, специјална воена операција, која ја потресува не само Украина, туку и Европа и светот, соопшти AIPS, нагласувајќи дека со руската воена операција е прекинато и олимпиското примирје во пресрет на Зимските параолимписки игри во Пекинг од 4 до 13 март.