Главниот преговарач за Брегзит од страната на ЕУ Мишел Барние изјави дека планот на британскиот опозициски лидер Џереми Корбин за заживување на разговорите за заминувањето од Унијата е интересен, но тој очекува нови идеи од Лондон.

Барние денеска оцени дека британската премиерка Тереза Меј треба да се согласи на трајна царинска унија со ЕУ, како што предложија британските лабуристи со цел решавање на застојот во однос на претстојното излегување од Унијата.

На прес-конференција во Луксембург Барние порача дека преостанало „исклучително малку“ време за да се склучи договор. Велика Британија треба да ја напушти Унијата на 29 март.

ЕУ ја повикува Меј да соработува со лабуристичкиот лидер Корбин за да се ратификува договорот за раздружување, кој претходно го постигна со Брисел.

Британските парламентарци минатиот месец го отфрлија договорот, кој беше усогласен во ноември 2018 година, по што на земјата и се заканува хаотичен Брегзит без договор, односно без преоден период кој би требало да ги ублажи очекуваните економски последици.

– Сметам дека писмото на Корбин е истересно, и според тонот и според содржината, изјави Барние, оценувајќи дека британската страна ќе мора да попушти или да понуди нови идеи.

Одговарајќи му на Корбин, Меј ја отфрли идејата за царинска унија, истакнувајќи дека Британија ќе мора да може сама да склучува трговски договори по Брегзит.