Шпанскиот прволигаш Барселона попладнево официјално соопшти дека ќе започне судска постапка против „Ел Мундо“, откако весникот еднострано објави детали од договорот вреден 555 милиони евра меѓу каталонскиот клуб и капитенот Лионел Меси.

Мадридскиот весник, поткрепувајќи ја информацијата со фотографија од оригиналниот документ, претходно денеска изнесе поединости од договорот потпишан во 2017 година, според кој Аргентинецот во Барселона заработува 138 милиони евра по сезона.

-Барселона категорично отфрла каква и да е своја одговорност за објавувањето на овој документ и ќе преземе судски дејствија против весникот „Ел Мундо“ за сите штети што можат да произлезат од изнесените информации, соопшти каталонскиот фудбалски клуб.