Лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша порача дека „црвена линија на опозицијата за решавање на политичката криза е чистење на политиката од криминалот“.

Според него, „пактот“ на албанскиоит премиер Еди Рама со криминалот е темел на Владата, која е „во служба на грст банди, а не во интерес на граѓаните“.

– Кога не се занимава со луксузни изложби, како што е онаа сега во Германија, (Рама) целото свое време го троши на затворање на досиејата на неговиот брат, Олси Рама, фатен во трговија со дрога, изјави Баша во градот Берат

Тој нагласи дека нема ни најмала можност за каков било компромис, се додека политиката не се исчисти од криминалот.

– Компромис со криминалот не може да има. Затоа упатуваме апел до сите, дури и до оние кои се прават дека не слушаат, дека нема враќање на опозицијата во Парламент поврзан со криминалот и никогаш нема да има. Политичкото решение е тука. Ние не бараме ништо повеќе од стандардите усвоени за обвинителите, судиите и полицијата за проверка на потеклото на имотот и вмешаноста во крминал. Ова е црвена линија за опозицијата. Преференцијален третман за политичарите не треба да има, нагласи Баша.

Лидерот на опозицијата посочи уште еден услов за надминување на политичката криза во земјата, а тоа, според него, е „декриминализација на изборите“.

– Оние кои прават пакт со криминалците за гласови, ги чека затвор. Ова е вториот услов за кој не може да се преговара. Без казнување на изборниот криминал, без казнување на градоначалниците и министрите кои биле открени дека се поврзани со банди, не може да има компромис со опозицијата. Овие луѓе треба да бидат уапсени. Мора да бидат изведени пред лицето на правдата и да завршат  во затвор. Секој политичар што се пазари со бандите треба да оди во затвор, нагласи Баша.

Тој на меѓународнте партнери им порача „да не се прават дека не знаат, не слушаат и не гледаат“. – Сите треба да знаат дека нема политичко решение без чистење на политиката од криминалот, порача Баша.