Во село Горна Бањица денеска ќе се изврши минирање со што стартуваат градежните работи на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за пробивање на трасата на автопатот Гостивар Букојчани (30,1 километар) на Коридорот 8.
На настанот е најавено присуство на првиот вицепремиер и координатор на активностите за изградба на коридорите 8 и 10д Артан Груби, министерот за транспорт и врски г-дин Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта г-дин Ејуп Рустеми.
Со Договорот што го потпиша Владата со „Бехтел и Енка“ е предвидена изградба на автопатските делници Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требеништа – Струга – Ќафасан на Коридорот 8 и на автопатската делница Прилеп – Битола на Коридор 10д.
До проектната единица – Јавното претпријатие за државни патишта, веќе се доставени инфраструктурни проекти за сите делници, освен за Требешништа-Струга-Ќафасан. Доставени се и елаборати за експропријација за Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани, а до крај на месецов се очекуваат елаборати и за Прилеп-Битола.
На „Бехтел и Енка“ досега им се исплатени две транши, од 117 милиони евра и од 53 милиони евра, согласно со Програмата за финансирање патна инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10д за 2023 година, со којашто за годинава се предвидени вкупно 243 милиони евра.
Првиот вицепремиер Артан Груби денеска ќе има свое обраќање по кое со минирање во близина на селото Горна Бањица, на потегот меѓу Гостивар и Кичево ќе биде означен стартот на теренските работи од изградбата на Коридорот 8 кој ќе го гради „Бехтел и Енка“ врз основа на договор кој македонската влада го попиша пред шест месеци и со кој се предвидува изградба на автопатска делница на потегот Гостивар – Букојчани. Предвидено е да се се работи и на делниците Требеништа – Ќафасан и Тетово – Гостивар.
Неофицијално, како подизведувачи се јавуваат компаниите „АК инвест“, „Еуровиа“ и „Стентон градба“ како дел од најавените домашни компании на кои изведувачот им го има доверено извршувањето на дел од работите.
Тетовската компанија „Ак инвест“ има сериозно портфолио со голем број проекти.
„Еуровиа“ е фирмата која го доби тендерот за пренамена на спортскиот центар Борис Трајковски за конференцијата на министерскиот совет на ОБСЕ.
Битолската фирма „Стентон градба“ е една од најзвучните во градот под Пелистер, во последните 12 месеци има добиено 21 тендер.