Фирми на Заеви и Мијалкови се на списокот на должници за неплатени даноци, акцизи, царини и други обврски кон државата, што го објави Управата за јавни приходи (УЈП) на кој се најдоа 5.105 фирми и граѓани кои имаат доспеани долгови до 31 мај, а не ги платиле до 31 август.

Долговите се за неплатен ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини. За физички лица вкупниот износ на долгот е повисок од 2.000 евра, а за правните лица повисок од 5.000 евра. Вкупниот долг, како што објави е во нето износ од 8.210.260.105 денари или повеќе од 133 милиони евра.

Топ-10 листата на должници ја предводи подружницата на чешката фирма со руски сопственик, „СГСМ Оил Гас Сервис“ која должи 218.853.092 денари, односно над 3,5 милиони евра. Второ е ЈКП Гостивар кое должи околу 2,3 милиони евра, а на трето место е „Мил Давид ДОО Скопје“ која должи 126 милиони денари. „Дивелоп Груп ДОО Скопје“, компанија во чија сопственост е хотел „Мериот“ , должи 123 милиони денари за ДДВ и данок на добивка. „Дивелоп Груп“ е во сопственост на „Бест Веј“ фирма на синот на Сашо Мијалков, Јордан, како и на Александар Ивановски познат како Алек Теранова, објави порталот А1он.

Меѓу најголемите пет должници, како што објави порталот А1он, е фирма на Трајче Заев, братучед на експремиерот Зоран Заев, која е деловно неактивна и има еден вработен, но должи два милиони евра за ДДВ.

Оваа компанија е всушност струмичката фирма „Фероцем Плус ДОО Струмица“ основана во јуни 2017 година од Трајче Заев и Јанко Јанев. Таа фирма е преименувана во „Абира Плус ДООЕЛ“ со седиште од Струмица во Куманово, два месеца откако се затвора „Еуростандард банка“ во која должи околу 360.000 евра. Фирмата добива и нов сопственик и управител, Родна Димова која е холандски државјанин.

Целиот текст може да го отворите ТУКА.