Ги охрабруваме сите компании да пристапат на ист начин во застапеноста на етничките заедници, како што работи јавниот сектор, изјави министерот за економија Крешник Бектеши, говорејќи за најавената мерка за државна помош за компаниите кои би вработувале по принципот на рамноправна етничка застапеност.

– Ние ги охрабруваме, во делот на еднакво општество за сите и за Албанците и  за Македонците и за другите, ги охрабруваме, ги поттикнуваме и тие да ја отсликуваат структурата на државата, како што е во јавниот сектор. Дали тоа ќе го направат приватните компании, ние не знаеме, изјави Бектеши при гостувањето во емисијата Топ Тема на телевизија Телма.

Тој нагласи дека оваа мерка е предвидена во политичката програма на Владата и треба да се реализира во наредните четири години, а во однос на различните ставови изнесени од претставници на СДСМ, изјави дека „пред да ги кометираат треба, да ги читаат владините програми“.

Според него, при спроведувањето на оваа мерка ќе се води сметка и за компетентноста на лицата што ќе бидат вработувани.

– Кога зобруваме за компетентноста, секако дека тие треба да бидат компетентни, било тоа да е Албанец, Македонец , Турчин, Србин, треба да биде компетентен за да ги заврши работите што се предвидени, истакна Бектеши.

Тој нагласи дека на средбите со претставниците на стопанските комори сега се разговара за четвртиот сет економски мерки за справување со последиците од Ковид кризата, но не и за мерката за помош при вработување по етнички клуч.

– Со кроењето на наредниот буџет за 2021 година секако дека ќе разговараме со стопанските комори и ќе ги земеме нивните стаовви, нивните коментари, истакна министерот Бектеши.