Поголема трговска размена, интензивни активности за железничко поврзување на Скопје и Софија до 2025 година,  соработка за поддршка на претприемачите, воведување авиолинии Скопје – Софија и Охрид – Варна за почеток во текот на туристичката сезона, а потоа и трајно.

Тоа се дел од конкретните резултати од соработката во идниот период помеѓу Македонија и Бугарија што ја најавија денеска по првата седница на меѓувладината комисија за економски работи ресорните министри од двете држави Крешник Бектеши и Росен Жељазков.

Договорени се конкретни чекори за идната соработка во економијата, транспортот, енергетиката, туризмот, телекомуниациите, животната средина. Планираните активности, според најавата, треба да бидат преточени во меморандуми и договори во соодветните области што се очекува да бидат потпишани на почетокот на следниот месец од премиерите на двете држави.

-Очекуваме да продолжи зголемувањето на трговската размена и да имаме двоцифрен раст. Еден од заклучоците од денешната седница е и соработка на малите и средни претпријатија, ќе ги користиме искуствата на бугарските компании и тамошната влада во однос на користењето на европските  фондови, со цел да се користат што повеќе финансии од ЕУ што ќе ја зголеми конкурентноста на домашните фирми, рече Бектеши.

За железничкото поврзување, како што рече Жељазков, активностите и плановите на двете страни се усогласени. Од бугарска страна не се изградени само 2,5 километри, а останатиот дел од железничката инфраструктура ќе биде модернизиран, рехабилитиран и опремен со нова сигнализација. Тоа се деловите Софија – Перник – Радомир – Ѓуешево до границата.

– Заеднички ќе изградиме двокилометарски тунел помеѓу двете држави, и се планира поврзувањето временски, се разбира во посебни етапи, да биде до 2025 година плус минус една година, рече бугарскиот министер посочувајќи дека амбициозните јасно поставени планови опфаќаат по 400 милиони евра за секоја од државите.

Од македонска страна каде железничкото поврзување се одвива во три фази, според Бектеши, при крај се активностите за првата фаза од Куманово до Бељаковце, проектирана е и ќе стартува изградбата на втората фаза до Крива Паланка, а за третиот дел до бугарската граница веќе се бараат пари од меѓународните финансиски институции.

Првата седница на меѓувладината комисија по потпишувањето на Договорот за добрососедство резултирала и со конкретизирање на најавите за соработка во енергетиката.

– Во областа на енергетиката јасно е истакната желбата за изградба на втор интерконектор Петрич-Струмица и се разбира интересот за учество во платформата  за купување електрична енергија од електроцентралата во Белене, рече Жељазков.