Министерот за економија Крешник Бектеши, на денешната прес-конференција во Владата рече дека мерката за финансиска помош за домаќинствата во периодот на енергетска криза ќе се однесува само за најранливите категории на граѓани.

– Што се однесува до директната финансиска поддршка кон домаќинствата, Министерството за финансии во соработка со Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и Министерството за економија, работат на дизајнирање на такви мерки. Тие мерки треба да бидат таргетирани, да одат таму каде што има потреба, за тие граѓани, за тие домаќинства, кои навистина имаат потреба и имаат ниски приходи во нивните домаќинства и да не бидат распределени за сите потрошувачи зошто некои имаат поголеми приходи и тие можат да ги плаќаат сметките и поскапувањата на струјата и парното, рече Бектеши.

Тој додаде дека во таа насока е и воведувањето на блок-тарифите за плаќање на сметките за струја кои стапија на сила од 1 јули.