Последните податоци на Државниот завод за статистика за зголемувањето на бројот на туристи покажуваат дека стратегијата за развој на туризмот во Република Македонија дава добри резултати, оцени денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Во јуни годинава Македонија ја посетиле 102.327 туристи, кои оствариле 243.175 ноќевања што е за 20,7 отсто повеќе туристи во споредба со истиот месец лани и за 23,4 отсто повеќе ноќевања.
Во првите шест месеци од годинава бројот на туристите е зголемен за 16,4 отсто во споредба со истиот период од минатата година при што кај домашните туристи има зголемување за 9,3 отсто, а кај странските за 19,8 отсто.
– Нашата цел во стратегијата беше до 2020 година да достигнеме до еден милион туристи годишно во Република Македонија, но според сите податоци ние тој број ќе го достигнеме веќе годинава. Очекуваме туризмот во Македонија да учествува со три отсто во БДП, рече министерот Бектеши во изјава пред Владата.
Тој нагласи дека со зачленувањето на земајва во НАТО ќе се отстрани и последната пречка за зголемување на бројот на туристи, а тоа како што кажа е сигурноста и безбедноста на РМ за што туристите често пати прашувале.
Влезот во НАТО, додаде, истовремено ќе значи и зголемување на инвестициите во туристичката инфраструктура, а тоа ќе придонесе за зголемување на бројот на странски туристи.
Прашан дали по откажувањето на дел од летовите на Визер очекува да се намали и бројот на туристи во земјава, Бектеши рече дека очекува бројот на туристи да расте и додаде дека наскоро ќе биде објавен нов тендер за субвенционирање на нискобуџетни летови, а тоа, потенцира, вчера го соопшти и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
За зголемувањето на бројот на туристи во Македонија, што се случува во последниве години, не се спомнуваат инвестициите во туристичката пропаганда во светот за тоа што земјава го поседува како понуда и потенцијал за странски гости.