Товарот од енергетската криза нема да биде на грбот на граѓаните и до крајот на грејната сезона ќе биде обезбедено 24 часа снабдување со електрична енергија, а во градот Скопје и редовно снабдување со топлинска енергија, чија цена нема да се зголеми, порача вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.

Во гостувањето во емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24, Бектеши нагласи и дека граѓаните можат да бидат мирни и спокојни кога станува збор за цената на струјата.

– Точна е информацијата дека ДДВ-то ќе се зголеми на 10 отсто. И мора да ги известиме граѓаните дека пет проценти беа како мерка од Владата се со цел справување со енергетската криза и сега веќе согласно новите пресметки има простор да се врати на 10 отсто, а да нема импакт на цената на електрична енергија и за домаќинствата и за малите потрошувачи, рече Бектеши.

Тој нагласи дека речиси сите капацитети на државата моментално се во функција, што дава простор да се направат дополнителни пресметки и во текот на утрешниот ден ќе биде донесена одлука за цените кои ЕСМ треба да ги понуди кон универзалниот снабдувач, во овој случај „ЕВН Хоум“, кон електродистрибуцијата и кон МЕПСО.

Бектеши додаде дека во исто време како никогаш досега се инвестира и во изградба на капацитети од обновливи извори на енергија.

– До 2019-та во нашата држава имало инсталирано фотоволтаични централи не повеќе од 19 мегавати, денес има над 100 мегавати, од кои функционални се 80 мегавата, а до крајот на април ќе бидат над 250 мегавати, додаде министерот за економија.

Според Бектеши, откако компаниите од прехранбениот сектор почнаа да се снабдуваат со субвенционирана струја, започна и трендот на намалување на цените на основните прехранбени производи.

– Веќе започна намалувањето на цените. Ние најавивме дека ќе има од седум до 12-13 отсто намалување кај производите кои се утврдени со одлуката на Владата за маржа. Веќе во континуитет забележуваме дека има намалување и овој тренд би требало да продолжи, додаде министерот Бектеши.