Со новиот Закон за енергетика, поголемото искористување на обновливи извори на енергија и подобрувањето на енергетската ефикасност ги поставивме како главни стратешки цели во енергетскиот сектор, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

– Оваа година интензивно се работеше во подготовка на секундарното законодавство, а подготвен е и нов нацрт Закон за енергетска ефикасност, кој наскоро очекуваме да влезе во процедура за усвојување, а ќе понуди нови решенија со цел подобрување на бизнис климата од кој се очекува најголем интерес да има кај малите и средните претпријатија, изјави Бектеши.

Ова го изјави на една од панел дискусиите на тема „Зајакнување на пазарот на енергија во транзиција“ во рамки на Бизнис форумот на Самитот во Познан во Полска.

– До крајот на оваа година треба да ја донесеме и новата Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, која се потпира на петте столба на Европската енергетска стратегија (сигурност, солидарност и доверба, целосно интегриран енергетски пазар, климатска акција – декарбонизирање на економијата, истражување, иновации и конкурентност)“, објаснил Бектеши.

Тој, како што информираат од Министерството, ги запознал присутните со првиот објавен јавен повик за доделување на договор за право на користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на земјиште во сопственост на Република Македонија, за кој е предвидена изградба на фотонапонски електроцентрали на две локации, и тоа во Амзабегово (Свети Николе) со вкупна инсталирана моќност од 25MW и Македонски Брод со вкупна инсталирана моќност од 10MW.

Бектеши ја најавил можноста микро и малите претпријатија и домаќинствата да можат да инсталираат фотонапонски постројки на покрив за производство на електрична енергија која ќе ја користат за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведена електрична енергија да го предадат на системот, што се отвори како можност со новиот Закон за енергетика, како и планираниот јавен повик за изградба на ветерни електрани со капацитет до 50 MW со користење на премија на локации за кои веќе е утврден потенцијал за производство на ветерна енергија, соопшти Министерството за економија.

– Новините согласно Законот за енергетика, според Бектеши, овозможија отворање на пазарот на електрична енергија, што има позитивни ефекти врз вработувањето, со оглед на фактот што бројот на компании кои поседуваат лиценца за снабдување и лиценца за трговија со електрична енергија во 2018 година е зголемен за повеќе од десет отсто, соопштуваат од Министерството.

Бектеши истакнал дека под покровителство на Енергетската заедница во Виена, започнат е проект за спојување на ден – однапред пазарите на електрична енергија меѓу Македонија и Бугарија. Воедно, како што посочил, меѓу приоритетите во делот на изградба на енергетска инфраструктура на Владата е изградбата на национален гасоводен систем, неговото поврзување со регионалните гасоводни системи, како и изградба на дистрибутивните системи за природен гас.