Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Приштина треба да се сретне со косовскиот колега Бајрам Хасани. На средбата ќе се разговара за зголемените царини на овошјето и зеленчукот што Косово ги воведе на 18 јули годинава.
Бектеши пред два дена преку писмено соопштение изјави дека очекува средбата да резултира со решение од заемен интерес за двете страни.
– Уверен сум дека имаме заедничка цел, а тоа е олеснување на трговијата на Западен Балкан, согласно правилата на ЦЕФТА Договорот и принципите на слободна трговија, рече Бектеши.
Косовската Влада на 24 јули донесе одлука за делумно повлекување на времената мерка, но со неа останаа опфатени доматите, пиперките, јаболката, крушите, сливите, малините и грозјето, на кои отпаѓа најголемиот дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар.
Македонија, како што соопшти вчера Министерството за земјоделство, засега не планира воведување контра – мерки, но очекува Косово целосно да ги укине зголемените царини.
Завчера во Белград состанок одржаа ресорните министри од регионот. Заедничка беше пораката Косово да ја повлече одлуката зашто е спротивна на ЦЕФТА Договорот и на принципите за слободна трговија, а ако тоа не се случи, секоја земја, согласно своите политики, да реагира соодветно.