Димитар Грумар
Секоја година на осмиот ден од март се репризира сликата за еманципацијата: навалица во цвеќарници, парада од саксии и режано цвеќе по пазарите, ден кој од останатите се разликува по убедливо најмногу лица по улиците кои држат цвеќе в раце.
Тој ден од сите други во годината најопојно мириса на наменско еманципациско цвеќе. Но, не е празник само на цвеќарниците, туку и на парфимериите и разни други продавници за други пригодни подароци што можат да дадат свој прилог во женската еманципација.
Така е и годинава. Со таа разлика што празникот овојпат е во недела, па парадата почна уште во петокот. Работнички и службенички, професорки и медицински сестри, економистки и правнички, дактилографки и секретарки, кои по едновековната еманципација не стекнале право на поеманципиран превоз, грижливо ги штитеа запакуваните стракови цвеќе да не им се оштетат во гужвите во возилата за колективен превоз или да не им паднат саксиите од раце.
Разликата од претходниот еднокаранфилски систем со денешниов е во тоа што денес има плурализам на цвеќиња. Порано каранфилот беше главниот еманципациски цвет, а сега има плурализам во букетите и во саксиите што пред еден век ги засадија Роза и Клара.
Иако според календарот осми март е зимски ден, на овој датум на Балканката најмногу и цветаат ружите. Таква е овде климата. Цвеќињата цветаат еднаш годишно, а во останатите триста шеесет и кусур денови само виреат, колку да се зачува семето до следниот празник на еманципацијата.
И покрај толку години традиција во прославувањето на овој празник што треба да ја симболизира еманципацијата на понежниот пол, неизбежен е впечатокот дека тој е пример за машка демагогија. Ако не е така, по толку години еманципирање на жената, еманципацијата досега требаше да биде далеку отидена. Вака испаѓа дека еманципацијата се уште не се помрднала од кујната. Жените и по толку осмомартовски години од триста шеесет и пет дена во годината имаат само еден свој. На кого му припаѓаат останатите?!
Ако не се работеше за машка демагогија, по толку децении еманципација, балканската Ева денес требаше да има наместо ден, барем една седмица или месец на жената, а зошто да не биде и едно цело годишно време на жената. Море по толку години еманципирање можеше да биде достигнат и идеалот, рамноправна поделба на годината – половина година празник на жената, а другата половина на мажот.
Нашата земја е една од ретките во кои се празнува овој ден како меѓународен ден на жената. А за државен празник е прогласен во Русија, Белорусија, Молдавија, Украина, Ерменија, Бугарија, Монголија, Узбекистан, Виетнам и Кина. Денот се одбележува како борба на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Наспроти овие земји во ниту една од западните осми март не е прогласен за државен празник, иако истиот е увезен од Америка.
И сега ако се погледне во кои земји еманципацијата стигнала најдалеку, лесно ќе се забалежи дека таму каде што најгласно се прославува е поназад од земјите во кои на осми март нема паради на цвеќиња оти таму цвеќињата мирисаат и во другите месеци од годината. Овде треба да се напомене дека балканската Ева е во златна средина и дека најмалку ружите им цветаат на жените во земјите каде што таа се третира како направа за репродукција и за задоволства на мажот.
Но, да се вратиме кај нас. Она што не може на нашите жени да им го овозможи мажот и еманципацијата го добива од мајката божја или од мајката природа, кој(а) како милува. Па, така жените во Македонија живеат во просек 4,1 година повеќе од мажите.
Годинашниов осми март, спроти априлските избори, освен празник на машка демагогијата доби дополнително мирис и на погоден ден за политичка пропаганда и манипулација. Тоа се ситуации, фигуративно кажано, кога на жена и подаруваш еманципациска ружа, а таа би била посреќна за истите пари да добие еманципациски кило или килоипол спанаќ.
Не е многу дамнешно времето, кога овој ден се практикуваше, а и денес таа практика не е искоренета, а годинава ја попречи коронавирусот, како празник на хулахопки, дезодоранси и на агенции кои жените ги носеа на еманципација до Истанбул, Солун или слични еманципациски тури. А мажите го користеа, и се уште го користат како добар повод и алиби да се „начукаат“ и да глумат дека се пијани од љубов кон жените.