Димитар Грумар
Новите технологии создадоа нови божества, со нови религии и нови заповеди.
Досега знаевме само десет божји заповеди од севишниот создател на овој свет, а создателот на виртуелниот свет ја донесе и единаесеттата која гласи: Направи профил на свети Фејсбук!
Новата религија има убедливо најмногу верници. Тие секојдневно се крстат или се клањаат пред св. Монитор, св. Лаптоп, св. Таблет, св. Мобилен и сите други свети икони од новата религија. И се молат да не им падне светата Конекција. Заповедта е пет дена во неделата работи, а седум дена посвети им на св. Фејсбук, св. Твитер, св. Инстаграм и сите свети социјални и асоцијални мрежи.
Новата религија собира убедливо најмешана група луѓе, во секој поглед, обединува верници од двата рода, и од машки и од женски, дури и од средниот род, иако според каноните на светите Социјални Мрежи не смеат малолетни да влегуваат во нивните храмови, без одобрение од „оца за сина“, односно од мајка за ќерка или друг старател.
На светите Социјални Мрежи, благодарение на севишниот и семоќниот Интернет, обединети се крстат или клањаат богати и сиромашни, свештеници и рабови божји, политичари и гласачи, чувари на ограбени пошти и академици, трактористи и пилоти на суперсонични авиони, криминалци и чесни сестри…
Оваа нова религија успеа да обедини христијани и муслимани, и од сите други религии, без разлика дали се православни, католици, протестанти или пак сунити и шиити или која и да е секта. Сите се крстат или се клањаат пред заедничкиот бог Интернет и пред божиците Социјални Мрежи.
Како и во религиите од реалниот свет, така и во религијата на виртуелниот има пост. Кај христијаните и муслиманите постот значи воздржување од мрсна или од секаква храна, воздржување од сексуален живот или постење на друг начин. Но, за разлика од нив, постот на светите Социјални Мрежи може да биде и сосема спротивен. Таму може да постиш, дури и испосник да бидеш, а слободно да си постираш печено прасе или јагнешко на ражен, мрсна и обилна храна, со алкохол, но богами и бааѓи разголени жени или мажи. И тоа и во најстрог пост. Во некои од сектите во оваа религија не се реткост дури и разголени малолетници.
Кој е опиумот што го прави севишниот Интернет и Светите Мрежи и сите други виртуелни светци, толку привлечна религија? Веројатно тоа што со помош на Интернет, во новосоздадениот виртуелен свет е дозволено се што е забрането во другите религии. Таму не важи заповедта „не убивај“. Напротив, колку повеќе ќе убиеш на света Дота или на свети Кантер Страјк толку си поценет кај приврзаниците на овие светци, а ако совладаш некого со нож, тогаш си ептен фраер.
Во новата религија не важи ни правилото „не кради“. Слободно се ограбуваат банки и други магацини за пари, додуша и во реалниот свет тоа не е реткост, особено кога се во прашање поштите. Во виртуелниот свет на божествениот Интернет можеш и без скршен денар во џебот да влезеш во најотмените казина и преку ноќ да станеш виртуелен богаташ, како што реално во не толку далечното минато тоа само некои го направија во транзициските „коцкарници“.
Храмовите на Интернет се привлечни за масовни молитви бидејќи во нив можеш слободно да проповедаш дека немаш никаква слобода, а притоа да зборуваш и да пишуваш се што ќе ти падне од јазикот на тастатурата. Тука не важи ни забраната кон прељубниците оти виртуелна прељуба се прави во секој храм, се лаже се суши, се прави се и сешто, заклучно и лажни профили.
Правилото „почитувај ги својот татко и мајка“ е делумно слично и со варијанта „не нервирај ги својот татко и мајка“ со прегласно пукање пред иконата на света Дота барем кога одмораат, и со деноноќните „молитви“ пред мониторот. Со други зборови, твоите почитувани мајка и татко сакаат да те видат како изгледаш и со книга в раце. Барем за време на сесија или пред испрашување в училиште.
Светите Мрежи создадоа пријателства и за најнедружељубивите. Има верници кои имаат повеќе пријатели отколку што имаат жители половината од македонските градчиња. Затоа сега нема дилема каде има најмногу доселени Македонци, дали во Австралија, во Италија, во САД или во било која друга држава во западниот свет. Сега е јасно дека најмногу доселеници од Македонија има во виртуелниот свет. Тој е пробен рај пред заминувањето од овој на оној свет. Пробен рај и за оние што живеат во рај на овој свет, но и за тие што го сметаат овоземскиот живот за пекол.
Затоа не изговарај го напразно името на твојот бог, севишниот Интернет. И не вклучувај го напразно светиот Компјутер или светиот Мобилен. Помоли се пред иконата на св. Фејсбук и лајкни го ближниот свој!