Димитар Грумар

 

Назад со трски

Фала му на небото, дождот ги згасна пожарите во Македонија. Веќе не горат ни екстремно лесно запалливите трски крај езерото во Струга, како и во Охрид… А понекогаш и во ѓољот во Моноспитово.

Не се потврдени гласините дека трската во Струга се пали за на нејзино место да растат дивоградби. Но, од чисти и хлорирани грчки извори, се дознава дека трската во Македонија, всушност, се пали да изгори, за да се спречи масовно враќање зад Карпатите… Назад со трски преку Дунав!

Александар З. Северномакедонски  

Среќен бил Александар Македонски што умрел на време. Инаку и тој сега ќе мораше да менува лична карта, пасош и здравствена книшка. Како и Гоце Делчев, кој ќе мораше да прифати дека е роден во Килкис, а не во Кукуш.

Згора на се, Александар Македонски ќе мораше да си го смени и презимето, за да не го скара Зоран Заев со Грците. Па, ќе беше Северномакедонски или на челото ќе носеше табличка на која пишува: и припаѓа на Грција. А за да му биде уште позвучно и посветско името, сигурно ќе го додадеше во средина презимето на потенцијалниот нобеловец: Александар Заев Северномакедонски.

Без тоа и Александар и Гоце ќе се соочеа со судбината да бараат азил во ЕУ.

Митинзи како геврек

Најголем број од митинзите на кандидатот за претседател Стево Пендаровски личат на геврек. Обичен, со сусам, не баварски.

Митинзите се во форма на круг, во средината со голема дупка, околу малку столови, наредени како сусам, и пак натаму голема празнина…

Едноставно голем, бааѓи голем геврек. Во неговата празнина во средината може човек и крукчиња да вози. Ама само со Југо, не со поголема кола.

Немаме друга опција  

Многу често, до здодевност, од политичарите слушаме: Немаме друга опција освен НАТО и ЕУ!

Во ред и НАТО и ЕУ. Фини си се. Ама мачно е да се живее со политичари кои немаат друга опција, освен да не бомбардираат со придобивки од НАТО и од ЕУ кои… кога-тогаш ќе ни ги сервираат како нарезок, со кромид, за вечера. Башка вакви фрази потсетуваат на времињата „Тито – партија“!

Најстрашно, сепак, е кога слушаш „немаме друга опција…“ Жив човек веднаш го очекува најлошото и во вториот дел да биде „освен да си умреме“!

А таа опција, и со најмудрите водачи и без нив, ни е загарантирана од Бога.

Прогноза за времето

И денеска ќе дува северен ветар. Истиот што го одвеа македонскиот симбол, Сонцето од Кутлеш и поранешно знаме на Република Македонија, од ракометниот натпревар Македонија – Исланд, во Скопје. За да не го скара струмичанецот Зоран Заев со неговите пријатели од Атина.

Да нема забуна: Спротивно на метеоролошките законитости, Северецот дува од југ. За да го топли пријателството, со засилена брзина, за Нобелова награда.