Види мајката, Стево да ти бил попопуларен откако почнал да се занимава со политика. Јас, пак, си мислев дека популарноста се должи на „југото“ со кое „хара“ по скопските улици. Ако до сега како советник и координатор бил сардисан, кој знае под каква опсада од заљубени жени ќе биде доколку биде избран за претседател на нашава ни државичка. Сериозно сум загрижена како ќе ги додржиме жените тогаш, ќе треба и дополнително обезбедување да се ангажира за да го спасат од женската напаст. Да не зборувам како ваквата наезда ќе влијае на неговото државничко однесување и носење на одлуки. Кога, нели, константно ќе биде деконцентриран од заљубени женички.

Пусти Стево, ќе мора стоички да го издржи притисокот и да остане на висина на задачата. А и сами гледаме од една дебата дека справување со притисок не му е баш најсилна страна. Веднаш покажува нервоза и агресија, особено кога за соговорник има една жена која му е против кандидат во претседателската трка.
Но нејсе, да не разглабам ШББКББ (што би било кога би било) ситуација. Тоа што посебно ме интересира на темава е дали Стево останал во политиката заради таа „популарност“ кај девојките, бидејќи на вчерашната емисија кај Жаре несебично ги посоветува момците дека најлесен начин да се стигне до девојка е токму преку политиката. Небаре жените имаат развиено Павлов рефлекс на терминот политичар, па чим се спомене, веднаш ги губат главите и способноста за рационално размислување, инстантно се заљубуваат и притоа умираат од желба да им изнародат бебиња. Или има нешто плус што го мотивира за да се занимава со една ваква професија, особено што гледаме дека не му е проблем да биде неконзистентен во ставовите согласно неговите лични интереси.
Навистина не знам дал да плачам или да се смеам од советов на Пендаровски кој може да му парира на изјавата на Црвенковски кој на митинг во 2011 година кажа дека и да сака не може да постигне кај сите жени. Разочарувачки е кога професор, интелектуалец и претендент за Претседател ќе се истакне со ваков шовинистички совет и притоа мисли дека тоа е шармантно и симпатично.
Изгледа концептот на кампањата која што ја спроведува му дава малку искривена слика за тоа колку навистина го сакаат жените. Ред е да му кажат ако веќе не знае дека не сите жени во Македонија скубат коси за неговата маленкост па ред е да се спушти малку на земја и со малку поголемо почитување да се обраќа кон сите жени.

Мартина Антиќ