Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побара од Врховниот суд на САД да го одложи спроведувањето на одлуката на Апелацискиот суд и да дозволи продолжување на изградбата на балската сала во Белата куќа, вредна 400 милиони долари, за која е пресудено дека нема соодветно одобрение од Конгресот.
Во писменото образложение, адвокатите на Министерството за правда го поддржаа ставот на Трамп дека проектот е „од витално значење за националната безбедност“, повикувајќи се на повеќекратните обиди за атентат врз американскиот претседател.
Според Трамп, објектот вклучува засолништа од бомби, медицински капацитети, заштита од беспилотни летала и ракети, како и други безбедносни мерки поврзани во една сложена целина, а во објава на социјалната мрежа „Трут соушал“ тој го нарече проектот „воен центар“.
Апелацискиот суд на Округот Колумбија на 7 август, со два гласа „за“ и еден „против“, ја потврди наредбата од пониската инстанца со која на администрацијата ѝ се наложува да ги запре сите градежни работи над нивото на земјата додека не добие одобрение од законодавниот дом.
„Дали ќе биде изградена огромна балска сала или не, е одлука што треба да ја донесе Конгресот, а тоа не е прашање за кое извршната власт може самостојно да дејствува“, се наведува во одлуката на судскиот совет, при што се додава дека аргументите поврзани со националната безбедност „автоматски не даваат право за непочитување на законот“.
Судот го одложи стапувањето во сила на оваа одлука за 14 дена за да ѝ овозможи на администрацијата да поднесе жалба до Врховниот суд. Трамп ја нарече одлуката ужасна и политички мотивирана, порачувајќи дека таа го изложува на опасност неговиот живот, како и животите на други функционери и посетители на Белата куќа.
Случајот минатата година го покрена Националниот фонд за зачувување на историското наследство, откако администрацијата го урна Источното крило и започна изградба на балска сала со површина од околу 8.360 квадратни метри (90.000 квадратни стапки) без претходно одобрение од Конгресот.
МИА




