Големиот шумски пожар што избувна синоќа во областа Далмација, во близина на туристичкото место Локва Рогозница кај Омиш, е ставен под контрола, а при увидот на изгореното подрачје денеска околу 13:30 часот е пронајдено едно тело, јави Хина.
Во пожарот, кој зафати и дел од северниот дел на Макарската ривиера, изгореа меѓу 900 и 1.000 хектари површина, а проценката на штетите сè уште продолжува. Вкупно 286 пожарникари со 93 противпожарни возила учествуваа во справувањето со огнената стихија.
Министерката за здравство Ирена Хрстиќ соопшти дека по пожарот во болницата во Сплит биле прегледани 42 лица, од кои 14 се хоспитализирани. Десетмина се примени на одделението за интензивна нега, а седуммина од нив се во критична состојба и се приклучени на механичка вентилација.
Попладнево од болницата во Сплит потврдија дека четворица пациенти ќе бидат префрлени на натамошно лекување во Загреб.
Унгарското Министерство за надворешни работи соопшти дека меѓу повредените во подрачјето на Омиш има и четворица унгарски државјани, од кои двајца се хоспитализирани со очекување да бидат пуштени во текот на денот.
Хрватскиот Црвен крст информираше дека им е пружена помош на речиси 2.400 лица во Сплит, Омиш и Макарска. Во Сплит 321 лице е сместено во спортски центар, каде што им се обезбедени кревети, ќебиња, храна, вода и санитарни услови. Во најкритичната фаза, околу 2.000 лица беа засолнети во спортската сала „Рибњак“ во Омиш, а до 14 часот денеска таму останаа околу 800 луѓе. Во основно училиште во Макарска во текот на ноќта привремено биле сместени 45 лица.
Министерството за поморски прашања, транспорт и инфраструктура соопшти дека во текот на изминатата ноќ екипите на Лучката капетанија од Сплит и нејзините испостави спасиле 194 лица кои побарале засолниште во морето или на чамци.
МИА




