Белата Куќа го обвини Илон Маск за повторување на гнасна антисемитска лага на својата социјална мрежа „Икс“ оваа недела, нарекувајќи ја „одвратна промоција на антисемитска и расистичка омраза што се коси со основните вредности на Американците.“

„Неприфатливо е да се повторува грозоморната лага зад најсмртоносниот чин на антисемитизам во американската историја во кое било време, а камоли еден месец по најсмртоносниот ден за еврејскиот народ од холокаустот“, рече портпаролот на Белата куќа Ендрју Бејтс како одговор на изјавата на Маск.

Претставниците на Маск или „Икс“ не беа достапни за коментар за изјавата на Белата куќа, пишува „Ројтерс“. „Икс“ претходно одби да ја коментира објавата на Маск во која тој тврди дека членовите на еврејската заедница поттикнуваат омраза против белците.

Извршниот директор на X, Линда Јакарино, вчера напиша: „Кога станува збор за оваа платформа – X исто така беше исклучително јасен за нашите напори за борбата против антисемитизмот и дискриминацијата. Нема место за нив никаде во светот – тоа е грдо и погрешно. Точка“.

Антисемитизмот е во пораст во САД и во светот во последните години. Од избувнувањето на војната меѓу Израел и палестинската исламистичка група Хамас, антисемитските инциденти во Соединетите држави се зголемија за речиси 400 отсто во однос на една година претходно, според непрофитна организација која се бори против антисемитизам.