Авион на руската приватна воена група „Вагнер“ на Евгениј Пригожин утринава слета на воен аеродром лоциран на околу 20 километри од белоруската престолнина Минск.

Авионот „слета на воениот аеродром Мачулишчи во близина на Минск во 7:40 часот“, соопшти белорускиот оператор Хајун, кој го надгледува воздушниот простор на земјата.

Според веб-страницата за следење летови flytradar24,  авионот Embraer Legacy 600 полетал од југозападниот руски регион кој граничи со Украина.

Хајун објави дека уште еден руски приватен авион, што полетал од Санкт Петербург, слетал на воениот аеродром помалку од 20 минути откако авионот на „Вагнер“ слетал, објави Политико. Идентификациските шифри на авионот се совпаѓаат со шифрите на авионот Autolek Transport што Америка го поврзува со Пригожин.