Белоруското Министерство за правда вчера побара од судот да ја забрани работата на водечкото здружение на новинари, со што продолжува пресметката на власта со независните медиуми и активисти на граѓанското општество.

Министерството побара од највисокиот суд да ја забрани Белоруската асоцијација на новинари, поради наводни недостатоци во документите за закуп на канцеларијата.

Новинарското здружение наведе дека не може да обезбеди документи за да одговори на тужбата, бидејќи нејзините канцеларии биле запечатени во минатонеделната полициска рација.
Здружението е формирано во 1995 година и има 1.204 члена. Тоа е најголемото и најреномирано новинарско здружение во Белорусија и е дел од Меѓународната федерација на новинари (IFJ).

Настојувањето на власта да го забрани Здружението се случува во време на остра конфронтација со независните медиуми: според податоците на Здружението, властите извршиле 67 претреси во простории на медиумски куќи и во станови на новинари во изминатите две недели.

Во притвор се наоѓаат 31 новинар, кои ги чека судење или издржување затворска казна.

Властите во понеделникот ги замрзнаа банкарските сметки на белорускиот ПЕН центар, здружение на писатели предводено од Светлана Алексијевич, добитник на Нобеловата награда за литература во 2015 година.