Израелскиот премиер Нафтали Бенет денеска изјави дека не се противи на добар нуклеарен договор меѓу Иран и светските сили, но изрази сомневање дека тоа ќе биде исходот од преговорите кои се во тек.

Во изјава за израелското воено радио, а еден ден по обновувањето на преговорите во Виена за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година, Бенет оцени дека е можно да се дојде до добар договор, но и дека не очекува тоа да се случи бидејќи е потребен многу поцврст став.

Израелскиот премиер повтори дека нуклеарниот договор не ја обврзува неговата земја, со што остави простор и за евентуална воена интервенција.

Најновата, осма, рунда разговори во Виена започна вчера, десет дена откако преговорите беа прекинати за да може иранскиот преговарач да се врати дома на консултации. Во претходниот круг, првиот по пауза од повеќе од пет месеци поради формирање на нова влада во Техеран, имаше забележлива тензија поради новите ирански барања, пренесува Бета.

Израел го смета Иран за свој најголем непријател и остро се противи на првобитниот договор и смета дека преговорите треба да бидат проследени со веродостојна воена закана.