Германија нема да застане на патот на Полска ако сака да испрати тенкови „Леопард“ од германско производство во Украина, изјави синоќа германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.

Запрашана да коментира што ќе се случи ако Полска испрати тенкови „Лепоард“ без одобрение од Германија, Бербок за француската телевизија „ЛЦИ“ изјави дека прашањето сè уште не е поставено, но дека ако се прашува Берлин нема да застане на патот.

„Знаеме колку се важни овие тенкови и затоа разговараме за тоа со нашите партнери. Треба да овозможиме спасување човечки животи и ослободување на украинска територија“, додаде Бербок.

Претходните денови имаше дебата меѓу Германија и САД за тоа дали да испратат западни тенкови во Украина, а Вашингтон побара од Берлин да им дозволи на земјите од НАТО кои ги поседуваат – да ги испратат.

Од друга страна, владин извор во Берлин изјави дека Германија ќе го стори тоа доколку Вашингтон прво ги испрати своите тенкови во Украина.