Неодамнешните настани во Русија покажуваат огромни пукнатини во политичката сфера на Русија, изјави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.

„Рускиот претседател Владимир Путин ја уништува својата земја со војната во Украина“, истакна таа.

Министеркaта истакна дека Германија нема да се меша во „внатрешните политички работи“ на Русија.

„Гледаме огромни пукнатини во руската пропаганда“, додаде Бербок, нагласувајќи дека западните сојузници ќе продолжат да ја поддржуваат Украина.

Евентуална дестабилизација на Русија може да биде многу опасна за Европа, предупреди денеска министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, осврнувајќи се на настаните викендов во Русија, поврзани со акциите на приватната воена компанија „Вагнер“.

„Би било апсолутна опасност за Европа доколку се дестабилизира најголемата земја во светот, која има најголем нуклеарен арсенал“, рече Аселборн.