Полицијата во Берлин го забрани пропалестинскиот протест против војната во Газа закажан за вечерва на плоштадот Александарплац во источниот дел на германската престолнина.
Протестот беше забранет по „проценка на сите околности и земање предвид на сите интереси“, соопшти полицијата пред пропалестинските и произраелските демонстрации закажани за викендот.
На настанот постоеше можност да се слушнат антисемитски извици, поттикнување на насилство и заплашување, се додава во соопштението на полицијата. Забранета е и организација на каков било заменски настан до 6 ноември.
Организацијата Генерација Палестина регистрираше средба со 500 учесници за 18:30 часот и под слоганот „Децата од Берлин за децата од Газа“.
За викендот се закажани неколку собири поврзани со конфликтот, а во сабота во 14 часот на митингот „Мир на Блискиот Исток“ се очекуваат 500 луѓе на Бранденбуршката порта во центарот на Берлин.