Владејачката ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека реформите во енергетскиот сектор во изминатите две години поставиле темели за енергетска независност, зелена транзиција и модерен енергетски систем.

Од партијата наведуваат дека е донесен нов Закон за енергетика, усогласен со европските директиви, како и Интегриран национален план за енергија и клима, кој, според нив, го дефинира правецот за декарбонизација, развој на обновливите извори на енергија и усогласување со европските стандарди.

Во соопштението се посочува дека се евидентирани повеќе од 800 инвестициски иницијативи за нови проекти во обновливите извори на енергија, што, според ВМРО-ДПМНЕ, претставува показател за зголемен интерес на домашните и странските инвеститори и придонесува за поголемо домашно производство на електрична енергија.

Партијата истакнува дека Владата работи и на реализација на капитални проекти во енергетиката, меѓу кои државен батериски систем за складирање енергија, дигитализација на постапките за изградба на ветерни електрани, финансиска поддршка за производителите на обновлива енергија и нови законски решенија за развој на конкурентен енергетски пазар.

Во делот на енергетската ефикасност, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека се преземаат мерки за реконструкција на јавни објекти, формирање Фонд за енергетска ефикасност, обезбедување финансиска поддршка од меѓународни партнери и воведување обврска за поставување соларни панели на јавните објекти.

Во соопштението се додава дека финансиската поддршка од Европската комисија, Европската банка за обнова и развој, Светската банка и други меѓународни институции претставува потврда за, како што наведуваат, кредибилноста на реформите што ги спроведува Владата.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека ќе продолжат со реформите во енергетскиот сектор, оценувајќи дека силната енергетика е основа за економски развој, нови инвестиции, повисок животен стандард и поголема енергетска сигурност на државата.